Во 2018 година E-Horeca официјално започна со работа и ја доби својата прва е-нарачка. Што е E-horeca и што претходеше пред да започне со работа? Дали желбата за подобрување на постоечките решенија беше еден од факторите за започнување на бизнисот?
Павел: E-Horeca е најновиот проект на Слајон Комерц ДООЕЛ, компанија која е присутна на македонскиот пазар повеќе од 30 години. Идејата за E-horeca дојде при согледување и анализа на македонскиот пазар каде воопшто немаше избор на кафе и кафе капсули. Дел се должи на тоа што до неодамна Македонија беше затворен пазар, па трендовите и цените ги формираа супер-маркетите, моловите итн. А сето тоа компаниите добро го користеа. Во моментов ситуацијата е многу поразлична и поповолна. E-horeca преку своите канали успеа за краток рок на своите клиенти да им овозможи повеќе од 500 видови на кафе и кафе капсули по поволни цени кои пред тоа воопшто не беа присутни на нашиот пазар.
Несомнено да. E-Horeca нуди огромен избор на премиум брендови за кафе кои со еден клик можат да бидат доставени до вашиот дом. Да се понуди уживање во квалитетно кафе од удобноста на сечиј дом и канцеларија претставуваше важен фактор во започнувањето и ширењето на овој бизнис.
Каков е развојот на E-Horeca од ден #1 до денес и кој е вашиот прв milestone кој ја промени траекторијата? Би сакале да знаеме и кој е вашиот примарен фокус, кои се core values на брендот и како ја прометивте „играта“ на пазарот?
Павел: Местото каде што започна целиот бизнис е Македонија. Со интензивна работа и голема посветеност успеавме следно да се пробиеме на косовскиот пазар, па подоцна и на албанскиот. Откако ги поставивме темелите на овие три пазари, решивме дека е време за нешто по предизвикувачко, со што преминавме на грчкиот пазар, а воедно го префрливме и нашето седиште во Грција.
Успехот на даден бизнис лежи во адаптирање на соодветниот бизнис модел според она што го бара даден пазар. Секако дека се променија бизнис моделите со текот на нашето работење и ширење кон нови и различни пазари. Сите четири пазари се различни, но и делумно слични помеѓу себе. Потребата од постојано истражување и усовршување на бизнис моделот за да истиот успее на конкретен пазар е од голема важност.
Главната цел при ширење на бизнисот на други пазари е учење на новитетите што истите ги нудат. Доколку се откријат и восприемат новитетите од сите пазари на кои бизнисот е присутен – успехот е сигурен. E-Horeca постојано учи за новитетите кои ги нуди секој посебен пазар и истата напредува со примена на оние новитети кои мисли дека би дале добар исход.
Примарен фокус ни се новитетите на светскиот пазар како и креирање на уникатни понуди за нашите купувачи кои секогаш ќе бидат по најповолни цени. Целиме да бидеме креативни со нашето портфолио и да ги задоволиме вкусовите на сите наши купувачи. Како core values и наши двигатели во работата ни се иновацијата, упорноста и интегритетот, а “game changer-и” станавме со повеќе од 500 кафе производи, со ексклузивни, најнови и најактуелни кафиња, а воедно и со убедливо најдобра понуда и цена на пазарот.
Освен на македонскиот пазар, E-Horeca е присутна и на грчкиот, албанскиот и косовскиот пазар. Какви беа предизвиците при регионалното проширување, дали има разлика помеѓу навиките на е-купувачите, кој детал од регионалната е-трговија би сакале да се примени на нашиот пазар, а што од македонската е-трговија би им посочиле на регионалните е-трговци да применат?
Павел: Регионалното проширување започна најпрво со Косово и Албанија каде најголемиот предизвик со кој се соочивме беше рокот на достава. Сѐ уште напорно работиме со нашите партнери за достава, производите да бидат испорачани за најбрз можен рок и истиот да биде прифатлив за нашите купувачи. Кога сме веќе кај доставата, системот за достава во Грција е навистина усовршен до највисоко ниво со тоа што купувачот при самото креирање на нарачката добива персонализиран код за следење на истата, а производите се доставуваат во рок од 24-48 часа, без разлика во кој дел од државата се наоѓате.
Доставата е еден од најбитните фактори во e-commerce работењето и ваквиот начин на достава навистина го крева нивото на професионалност на нашата компанија. E-Horeca e позната по тоа што сите производи во нашето портфолио се сопствен увоз, па така и тука се јавува друг неодминлив предизвик присутен во ваквиот бизнис, а тоа е увозот на самите добра. На грчкиот пазар кафето се смета за акцизна стока, што го прави самиот увоз да не е воопшто поедноставен во однос на увозот на кафе во Македонија. Но пак за разлика од тоа куповната моќ и свеста за електронската трговија е на повисоко ниво, а со тоа и конкурентноста.
Сублимирајте го вашето искуство од е-трговијата и пренесете го како неопходна лекција која треба да ја знаат (или да им биде позната на) идните е-трговци.
Павел: Со самата еволуција на технологијата истовремено еволвира и е-трговијата. Е-трговијата веќе прерасна во испреплетен ланец од можности и предизвици кои доколку се истражуваат и се учат водат кон сигурен успех. Следете ги трендовите и секојдневно учете, светот е полн со можности.