Платформата ecommerce4all.eu е ресурсен и информативен центар за клучните аспекти на е-трговија за сите пазари на ЦЕФТА (Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово*, Црна Гора и Молдавија). Веб платформата се состои од релевантни податоци и ресурси за е-трговија, вклучувајќи основни податоци за е-трговија, интерактивни графикони и податоци за развојот на пазарот за е-трговија на ЦЕФТА, како и податоци за клучните аспекти на водење бизнис во е-трговија.

Податоците за клучните аспекти за водење бизнис во е-трговија ќе бидат структурирани во четири модули: регулатива за е-трговија, е-плаќање, испорака и успешни приказни за е-трговија на сите пазари на ЦЕФТА. Секој од овие модули ќе содржи релевантни информации специфични за конкретниот ЦЕФТА пазар, упатства, прирачници, документи поврзани со темата и видео презентации. Покрај четирите модули, развиен е дополнителен петти модул кој има за цел да ја претстави состојбата на е-трговијата преку статистика и податоци за развојот на пазарот на е-трговија (интерактивни графикони на состојбата на е-трговија во секој пазар и споредби на, на пример, клиенти, платежни картички, дигитални вештини, UNCTAD B2C индекс за подготвеност за е-трговија и други релевантни податоци на Еуростат). Сите податоци ќе бидат презентирани и на локалниот јазик на секој од пазарите на ЦЕФТА и на англиски јазик.

Веб-платформата може да им послужи на сите компании на локално ниво да вршат е-трговија на нивниот пазар, но уште поважно, може да им послужи на нивните планови за ширење на другите пазари на ЦЕФТА.

Развојот на веб платформата ecommerce4all.eu како дел од проектот „Регионална платформа за е-трговија за сите“ доаѓа по успешното лансирање на веб платформата Ecommerce4All.mk за македонскиот пазар во 2020 година, која беше реализирана со поддршка на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

Почнувајќи од ноември 2021 година, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија заедно со проектните партнери ја развива и проширува платформата регионално, правејќи ја достапна за сите пазари на ЦЕФТА, со поддршка на Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа – Надворешна трговија во рамки на Германското друштво за меѓународна соработка -GIZ, по нарачка на Германската влада.

Проектот „Регионална платформа за е-трговија за сите“ ќе се спроведува во три фази, при што во секоја фаза ќе се развиваат различни модули на веб платформата. Развојот на модулите е прилагоден на секој од 7-те CEFTA пазари во зависност од ресурсите и можностите за реализација на секој модул. Модулите ќе бидат развиени и лансирани во соработка со локални партнери од сите пазари на ЦЕФТА.

Преку имплементацијата на оваа регионална платформа, е-продавачите од регионот, кои планираат да ги прошират своите бизниси за е-трговија надвор од нивните пазари во годините што следат, имаат на располагање унифицирана точка од која ќе можат да ги обезбедат сите потребни релевантни информации поврзани со е-трговија за сите пазари во регионот.