Приказната на Fashion Group започнува во 1994 како проект воден од желбата да се донесе светската мода во Македонија. Денес, 28 години подоцна, Fashion Group e најголемата модна групација во земјата која брои 40 светски реномирани модни брендови за кои ги имате правата за ексклузивност, франшиза и мастер франшиза. Од 2017 целото портфолио на Fashion Group e достапно онлајн на fashiongroup.com.mk, платформа која израсна во една од најпосетените интернет страници за онлајн продажба во земјава. Раскажете ни зa почетоците на вашата веб продавница, нејзиниот развој до денес, но и за развивањето и употребата на FashionGroup мобилната апликација која е достапна за iOS и Android.
Доколку направиме паралела на нашите почетоци и тековното работење, може забележиме неоспорен напредок, како во понудата која што ја пласираме и начинот на работење, така и на навиките и потребите на корисниците. Може слободно да споделиме дека од создавањето на првиот сајт до денес, промената на тредовите во технoлогијата, желбите и потребите на корисниците, беа предизвик кој постојано нѐ водеше да го насочуваме нашето работење, со цел да се адаптираме на промените, но и истите да ги создаваме на нашиот пазар.
Како што споменавте Fashion Group сајтот е креиран во 2017, но веќе во 2019 баравме пософистицирано решение и направивме миграција и соработка со нова ИТ компанија. Во 2020 година го креиравме www.okaidi.com.mk , додека овој ноември 2022 креиравме сајт за производите од претходни сезони www.fashiongroupoutlet.mk со тоа продолжуваме да работиме на постојан напредок и креирање на веб простор кој ќе создаде најдобро корисничко искуство.
Поради бројот и специфичноста на производите кои што се продаваат преку трите сајта, а секако за секој од производите корисниците би сакале да имаат повеќе информации со цел да го направат вистинскиот избор, се трудиме да обезбедиме што повеќе детали за секое модно парче кое што е во нашата понуда. Податоците кои се прикажани ги добиваме од нашиот ERP систем и истите се ажурираат во однапред дефинирани временски рамки.
Производите на Fashion group се достапни и преку мобилните апликации за Android и iOS уредите. Бројот на преземања на апликациите е над 10 000 за Android и нешто повеќе за iOS. Би можеле да споделиме дека при направени интерни анализи, најголем дел од купувачите сепак се одлучуваат прв избор за пристапување и купување на Fashion Group, да биде мобилната верзија на сајтот, секако целта во следниот период ни е да се насочиме кон дополнителен напредок на апликацијата и спроведување на потребните промени кои што ги дефиниравме во нашето истражување.
Мора да споделиме дека со цел сите производи да се прикажани соодветно, како и да обезбедиме вистинско модно искуство, Fashion Group има исклучително посветен тим кој што постојано се проширува, во моментов онлајн тимот брои 8 млади и мотивирани професионалци. Секако процесирањето на онлајн нарачките не би било возможно без вклученоста на колегите кои што се вработени во продавниците, кои даваат поддршка за реализација на секој проект.
Fashiongroup.com.mk и FashionGroup мобилната апликација нудат илјадници производи од различни брендови кои можат да се нарачаат онлajн. Веројатно е голем предизвик истовремено да се испорачаат производи од физичките продавници на различни брендови. Би сакале да ни откриете повеќе детали околу ова. Колку производи и брендови се достапни на платформата, кои се предизвиците со кои се соочувате при онлајн нарачка со производи од различни брендови, каков е начинот на испорака и за колку дена е-купувачите можат да ги добијат онлајн нарачаните производи?
Моменталната понуда на веб сајтот www.fashiongroup.com.mk, како што споменавте во претходното прашање нуди 40 светски познати модни брендови, за што особено сме горди. Секоја сезона се обидуваме да воведеме новости и да ги следиме трендовите и да ги исполниме желбите на нашите корисници со пласирање на новитети, не само од аспект на нови брендови за нашиот пазар, но и на нови продукт групи кои претходно не биле достапни во нашата понуда. Покрај препознатливите парчиња облека, обувки и модни додатоци, од пред неполна година на нашиот сајт е достапна и козметиката на италијанскиот бренд Кико Милано. Доколку бројот на достапни производи го погледнеме на сезонско ниво, за последната сезона есен-зима ’22 би имале повеќе од 14 000 различни производи.
Покрај изборот на производи кои што се пласираат, од особено значење за нас е задоволството на купувачите, поради тоа кон секој од нашите клиенти пристапуваме со особено внимание. Со цел да ги поттикнеме купувачите се повеќе да се насочат кон нашиот сајт, честопати организираме промоции кои што важат само онлајн или пак испраќаме купон кодови кои што се достапни само за регистрираните корисници. Секако за редовните купувачи имаме програми за наградување и лојалти денови, кога само овие корисници може да ги искористат бенефитите.
Се трудиме секоја креирана нарачка да ја процесираме и да се достави до крајниот купувач во најбрз можен рок, поради тоа најголем дел од процесите од позадинското работење ги автоматизиравме. Сепак нарачните производи се испорачуваат од физичките продавници и во процесот на спроведување на нарачките работат колеги кои што ги потврдуваат и пакуваат нарачките во продавниците и колегите кои што ги обработуваат и следат. Колегите одоговорни за процесирање на нарачките, вршат постојан мониторинг и следење на пратките со цел сите пратки да ги доставиме најдоцна од 3 до 5 работни дена. Најчесто пратките се доставуваат следниот ден, но претходно споменатиот рок е дефинирана максимална рамка до која сакаме да се придржуваме.
Сите имаме еден момент од работењето со кои сме горди и кој нè има мотивирано да работиме уште подобро и уште пофокусирано. Кој момент во досегашното онлајн работење на Fashion Group би го издвоиле како highlight?
Секако порастот во продажбата и сумираните бројки по успешно реализирана кампања нѐ мотивираат да работиме на секој иден проект со уште поголем ентузијазам, но она што навистина нѐ мотивира се коментарите од нашите корисници. Секоја забелешка и критика без разлика дали е во позитивна или негативна конотација, внимателно ја разгледуваме и ја земаме како патоказ за идното работење.
Highlight ни е секој позитивен коментар од корисник, кога колегите од корисничка поддршка ќе споделат со остатокот од тимот убави зборови кои сме ги добиле преку е-маил или во телефонски разговор, за нас се вистинска награда и мотивација да креираме проекти кои што секогаш ќе го имаат корисникот на прво место.
Да се биде дел од e-comm заедницата е возбудливо и сè повеќе луѓе се одлучуваат да се вклучат. Што би им препорачале на идните е-трговци? Дали имате “формула за успех” која би сакале да ја споделите?
Вистинската „формула за успех“ за нас е едноставна, таа вклучува да се следат последните модни трендови, промените во е-трговијата и навистина да се слушаат потребите на купувачите, затоа што само на тој начин успехот е загарантиран. Секако за реализација на секој успех потребно е да се има вистинскиот тим, кој што меѓусебно ќе се надополнува и без разлика на работната позиција ќе има простор во пријателска атмосфера да ги сподели своите гледишта за секој тековен проект.