Модул 5

Испорака

Како да постапам правилно при увоз на онлајн нарачка?

Се’ што треба да знаете за увоз.

Увоз претставува пуштање на стока во слободен промет и тоа претставува  дејствие со кое царинскиот орган овозможува располагање со стоката за целите определени со царинската постапка во која таа е ставена. Лицето што го врши увозот се нарекува увозник. 

Се прашуваш како се одвива пристигнувањето на твојата нарачка од странство? Проследи го целиот процес.

uvoz mk

Кликни тука за да го преземеш документот со целиот процес за увоз од Македонија.

Место на царинење


Нарачаната пратка пристигнува до одредени места за ставање на стоката на увид на царинскиот орган (декларирање на стоката) и за нејзиното царинење – царинска испостава Пошта Скопје, или доколку пристигнува со авионски транспорт – царинска испостава Аеродром Скопје.

Царинска декларација


За пратката се грижат компаниите што вршат брза или обична достава – врз основа на декларираните податоци во пратката се определува дали пратката подлежи на увозно царинење и наплата на царински и увозни давачки или е ослободена од царинење плаќање на царина и увозни давачки.

Потребно е да се прави разлика помеѓу фактурна вредност на стоката и царинска вредност на стоката. Царинската вредност е вредност на стока што се применува при царинење и ја вклучува фактурната вредност заедно со трошоците за превоз (поштарина) и манипулативните трошоци.

Пратките што имаат вредност од 22 евра (со вклучени транспортни и манипулативни трошоци) се ослободуваат веднаш по пристигнувањето на пратката; за нив нема обврска да се врши поднесување на царинска декларација.

За сите останати пратки што имаат вредност над 22 евра (со вклучени транспортни и манипулативни трошоци), постои обврска за поднесување на царинска декларација.

Оваа царинска декларација може да ја поднесе превозникот на пратката (поштата или брзата пошта) или друг царински застапник. Таа може да ја поднесе и физичко лице што ја прима пратката.

Ова е прашање на избор на увозникот (правното или физичкото лице) – тоа самостојно треба да одличи кој ќе ја поднесе царинската декларација.

Еден од полесните начини што ги определува Царинската управа е поднесување на усна царинска декларација од страна на увозникот со исполнување на следниве услови:

  • стока која е испратена од страна на физички лица од странство до физички лица во Република Северна Македонија,
  • чија што вредност по пратка и по декларант не надминува вредност од 800 евра во денарска противвредност и нето маса до 1.000 кг,
  • пратката да не биде дел од редовна низа слични пратки,
  • да не ја пренесува самостоен превозник како дел од поголем превоз на товар,
  • кога се работи за стока од незначителна важност во случаите кога тоа е одобрено од царинскиот орган.

Доколку не се исполнети овие услови, задолжително е поднесување на царинска декларација во редовна царинска постапка. Оваа декларација може да биде поднесена од страна на увозникот (физичко или правно лице), царински застапник – шпедитер или од поштата или брзата пошта. 

Овој вид на царинска декларација се поднесува за сите пратки што содржат стока, а што се испратени од странство од страна на правни лица, како и сите пратки што се предмет на купопродажба, за стока што е предмет на ограничувања, забрани и други формалности при увоз.

Царинската декларација може да биде на еден од следните обрасци:

  • Поштенско царинска декларација: ако вредноста на стоката во пратката е помала од 800 ЕУР во денарска противвредност. Кога испраќачот е физичко лице се применува единствена царинска стапка од 15 % и стапка на ДДВ од 18% или 5% во зависност од видот на стоката. Кога испраќачот е правно лице, односно се работи за пратка порачана преку интернет, при пресметката на царинските давачки се применуваат стапките согласно Законот за царинска тарифа. Царинската декларација ја пополнува царинскиот службеник, а давачките се плаќаат при приемот на пратката и
  • Единствена царинска декларација единствено во електронска безхартиена форма: ако вредноста на стоката во пратката е поголема од 800 ЕУР или примачот на пратката се изјаснил дека сака стоката да биде оцаринета со стапка согласно Законот за царинска тарифа, во овој случај декларацијата се поднесува согласно постоечките прописи предвидени со членот 72 од Царинскиот закон, и членот 115 од Уредбата за спроведување на Царинскиот закон, како и Правилникот за начинот на пополнување на царинската декларација и кодексот на шифри кои се употребуваат во царинската постапка, најчесто преку царински застапник (шпедитер).

Документација


Најчесто, од онаму каде што се нарачува пратката ја обележуваат истата со декларација на која пишува што таа содржи, колкава е нејзината вредност и од каде доаѓа. Оваа декларација е валиден доказ што ја опишува нарачаната стока.

Доколку е потребна друга документација, одговорното лице од превозникот на пратката или од царинската испостава го контактира примателот. Доколку тоа не ги достави потребните податоци, вредноста за која нарачакта треба да се царини се пресметува од страна на царинските службеници.

Доколку лицето не се согласува со утврдената вредност, има право да поднесе приговор за истата.

Во случај кога се праќа пратка од физичко на физичко лице, испраќачот треба да внимава да ја означи вредноста на стоката, со цел полесно да се утврди дали таа подлежи на редовно царинење и плаќање на царина и увозни давачки.

Дополнителни трошоци


Во трошоци што влегуваат во царинската вредност за која една нарачка би требало да се царини спаѓаат и трошоците за поштарина (превоз) што настануваат и надвор од Северна Македонија.

Тоа значи дека доколку нарачката е 50 евра, а поштарината (превозот) за таа да пристигне чини 10 евра, вкупната царинска вредност на нарачката изнесува 60 евра.

Во царинската вредност не влегуваат и останати евентуални дополнителни трошоци што настануваат во нашата земја, а што ги пресметува и наплатува Холдингот ТАВ Аеродроми, или Јавното претпријатие Македонска пошта.

Откако ќе се утврди царинската вредност на пратката цариснките работници пресметуваат кој е износот на давачки што треба да се прати (царина, ДДВ и други увозни давачки).

Доколку царинската вредност на пратката е помала од 22 евра, таа е ослободена од царина и од ДДВ. Ова не се применува доколку пратката е алкохолен пијалак, производ од тутун, парфем или тоалетна вода.

Доколку царинската вредност на пратката изнесува над 90 евра, тогаш се плаќаат увозни давачки, односно царина и ДДВ. Во овој случај се плаќаат дополнителни трошоци за ракување и манипулирање што ги напраќаат Холдингот ТАВ Аеродроми и Јавното претпријатие Македонски пошти.

Овие трошоци за ракување и манипулирање, често пати се наплаќаат и за пратки што се ослободени од плаќање на царина и ДДВ при увоз, а граѓаните често мислат дека се царински давачки.

*Ова важи само доколку пратката е испратена од правно лице, а не важи доколку се добива пратка од друго физичко лице.

Пристигнување на пратката


Во моментот кога пратката пристигнува на територијата на С. Македонија се додека не е определено никакво постапување со истата, таа е под царински надзор и се третира како привремено чувана стока во просторија за привремено чување или во јавен царински склад.

По завршувањето на целиот процес, пратката пристигнува на твојата адреса!

Како да постапам правилно при извоз на онлајн нарачка?

Се’ што треба да знаете за извоз. 

Со постапката на извоз, царинскиот орган одобрува домашна стока да се изнесе од царинското подрачје.

Извозот вклучува примена на формалности за извоз и изнесување и мерки на трговската политика. Продавачот или испраќачот на таква стока е извозник. 

Се прашуваш како функционира испраќањето на еден прозивод надвор од границите на твојата држава? Проследи го целиот процес.

izvoz mk

Кликни тука за да го преземеш документот со целиот процес за извоз од Македонија.

Подготовка


Пратката што треба да се испрати надвор од границите на нашата држава се подготвува во соодветно пакување за меѓународен транспорт.

Документи


Заедно со производот, се подготвуваат документи од кои најважна и задолжителна е трговската фактура. Покрај фактурата, во зависност од барањата на земјата увозник може да биде потребно пакинг листа/испратница и/или доказ за потекло на производот. 

Трговската фактура треба да ги содржи следниве информации:

  • Име и адреса на извозникот (правно лице или име на трговец-поединец)
  • Име и адреса на увозникот (партнер за дистрибуција, посредник или краен корисник)
  • Адреса на испорака
  • Нето и бруто маса, димензии на пакувањето
  • Точен опис на стоката
  • Количина на стоката, број и вид на пакувања
  • Цена
  • Услови на испорака и плаќање
  • Земја на потекло

Покрај фактурата, во одредени земји на испорака со кои Северна Македонија има склучено договори за слободна трговија, а со цел купувачот да не плати царина, потребно е да биде изготвен доказ дека производите се со македонско потекло. 

Ова може лесно да се направи со пополнување на изјава за потекло во трговската фактура, што може да ја направи секој извозник за стока чија вредност не надминува износ од 6.000 евра по поединечна пратка.

Царинска декларација


За пратката да може да го напушти царинското подрачје на Северна Македонија треба да се поднесе царинска декларација. 

Царинската декларација може да биде поднесена од страна на е-трговецот, но може да биде поднесена и од царински застапник – шпедитер или од испраќачот – Македонска пошта или брзите пошти.

Исто така царинската декларација може да биде поднесена во редовна или во поедноставена царинска постапка. 

Редовна или поедноставена царинска постапка


Кај редовната царинска постапка, извозната царинска декларација треба да се поднесе за секоја пратка во моментот на испраќање/извоз на пратката, што со оглед на брзината и трошоците не е препорачливо за е-трговците.

Кај поедноставените царински постапки, е-трговецот има можност да поднесе една царинска декларација за сите пратки што ги испратил во текот на еден ден, без оглед на бројот на пратките и на бројот на купувачите. За вакво нешто, потребно е одобрение од Царинската управа. Оваа постапка се препорачува за е-трговци што имаат поголем обем на работа. 

Доколку се избере редовната извозна царинска постапка, се поднесува царинска декларација ЕЦД во безхартиена електронска форма. Извоз на пратка ќе може да се направи само доколку:

  • Декларацијата е потпишана со дигитален сертификат
  • Ги содржи сите неопходни податоци
  • Е-трговецот ги има приложено сите потребни документи (член 73 од ЦЗ)
  • Стоката е ставена на увид на царинскиот орган (член 73 од ЦЗ)

Доколку пратката се изнесува преку пошта, царинскиот орган при излез е оној орган во кој се презема пратката под еден транспортен договор за транспорт во друга земја од страна на поштенските служби.

Испраќање на пратката


За да се испрати пратка, е-трговецот може да ги користи услугите на Македонска пошта што има одобрение за поедноставени царински постапки и целата работа може да се заврши во било која филијала на Македонската пошта на територијата на државата. Претходно треба да се контактира шпедицијата на Македонската пошта. Тие можат да ја преземат пратката или истата да се однесе во било која експозитура на пошта и да биде извозно оцаринета од Македонската пошта по нејзиниот прием.

Пратката може да биде предадена и на компаниите за брзи пошти, што можат во било кое време да извршат извозно царинење на пратката.

Доколку е-трговецот сака самостојно да ја испрати пратката, треба самостојно да поднесе електронска безхартиена царинска декларација. Оваа декларација се поднесува кај надлежната царинска испостава за извоз – таа е царинската испостава Пошта Скопје, врз основа на потврда за прием на пратката за извоз издадена на шалтерите на Македонска пошта. Оваа декларација се поднесува преку Порталот за трговци за извоз или со електронска размена на податоци (ЕРП) преку веб сервиси, а за идентификација на извозната операција се користи Референтен број на движењето (РБД)

Е-трговецот има право да избере дали сака да користи редовна извозна царинска постапка или поедноставена извозна царинска постапка – но е едно е задолжително – треба да поднесе царинска декларација. 

По завршувањето на целиот процес, твојата пратка пристигнува кај крајниот купувач!