Модул 5

Испорака

На ниво на Република Северна Македонија постојат 36 активни регистрирани пошти кои се под надлежност на националното регулаторно тело во областа на поштенските услуги, Агенцијата за пошти на Република Северна Македонија. Од нив, 9 пошти покрај со домашна, работат и со меѓународна испорака.

Секој корисник на поштенски услуги има право на универзална услуга која се обезбедува со утврден квалитет по пристапни цени на целата територија на Република С. Македонија.

УНИВЕРЗАЛНАТА УСЛУГА ОПФАЌА:

  • прием, пренос, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки со тежина до 2 кг,
  • прием, пренос, сортирање и дистрибуција на пакети со тежина до 10 кг,
  • препорачани поштенски пратки и пратки со означена вредност и
  • прием, пренос, сортирање и дистрибуција на поштенски пратки за слепи лица и за лица со делумно оштетен вид.

Давателот на универзална услуга е должен да ги објави цените за обезбедување на универзалната услуга, одобрени од Агенцијата, на својата веб страница и во деловните простории наменети за корисници на поштенски услуги.

ОБВРСКИ НА ИСПРАЌАЧОТ

Испраќачот на пратката е одговорен за:

  • внатрешното пакување на поштенската пратка
  • да ја означи вистинската вредност на содржината на пратката со означена вредност
  • за сите штети што ги предизвикала неговата пратка на други поштенски пратки, средства и објекти кај давателите на поштенските услуги поради несоодветно пакување

РЕКЛАМАЦИИ НА ПРАТКИТЕ

Давателите на поштенски услуги се одговорни за штета настаната на препорачана поштенска пратка, пратка со означена вредност и пакет во случај на:

  • губење, ограбување или оштетување на пратката и
  • пречекорување на рокот за достава

Секој корисник на поштенски услуги има право на приговор на одлука, или на постапка преземена од давателот на поштенски услуги во врска со пристапот до услугите и обезбедувањето на услуги. Корисникот може да даде приговор до давателот на поштенските услуги во рок од 30 дена од денот кога ќе дознае за одлуката или постапката на давателот на поштенските услуги.

Давателот на поштенските услуги е должен да прими рекламација и да одговори на поднесена рекламација:

  • во рок од 30 дена за поштенски пратки во внатрешниот поштенски сообраќај и
  • во рок од два месеци за поштенски пратки во меѓународен поштенски сообраќај.

Во случаи кога корисникот на поштенските услуги нема да добие одговор на рекламацијата од давателот на поштенските услуги, не му е дадена можост да поднесе рекламација или е незадоволен од одговорот по рекламацијата, има право да поднесе барање за поведување постапка до Агенцијата, во рок од 15 дена по истекот на рокот назначен погоре.

Крајниот купувач доколку има потреба од рекламација истата ја доставува директно до е-трговецот, а е-трговецот со неговите права и обврски наведени погоре соодветно реагира до поштата по примената рекламација.