Како да се започне со е-продажба во С. Македонија?

За да започне да функционира и да врши електронска трговија, е-трговецот најпрво треба да се регистрира како трговско друштво (правно лице) во Централен регистар.

Оние друштва кои се веќе регистрирани во Централниот регистар и оперираат како „офлајн“ трговци, но сакаат да го прошират начинот на продажба на стоки и услуги, немаат потреба од повторна регистрација или дополнување на регистрацијата. Законот за електронска трговија забранува одреден државен или друг орган да му бара посебна дозвола или одобрение на оној трговец кој сака да се занимава со интернет трговија.

Како и основањето на офлајн компанија, регистрацијата на компанија која што ќе се занимава со е-трговија не е воопшто различна. Ова се потребните чекори за да ја претворите вашата идеја во бизнис.

За еден мал бизнис да биде успешен, тој мора да исполни потреба или да понуди
нешто што сака пазарот. Постојат неколку начини на кои можете да ја идентификувате оваа потреба, а некои од прашањата што треба да ги одговорите вклучуваат:

  • Дали има потреба од вашите производи / услуги?

  • Кој има потреба од нив?

  • Каква е конкуренцијата? Дали има други компании кои нудат слични производи или услуги на истиот пазар?

  • Како вашиот бизнис ќе се вклопи во пазарот?

Бизнис план е план што ќе го води вашиот бизнис од фазата на start-up до раст на бизнисот. Добрата вест е дека постојат различни видови на бизнис планови за различни видови на бизниси.

Во делот „Документи и ресурси” од овој модул можете да најдете пример за пополнување на вашиот Бизнис план.

Направете табела за кои би биле еднократни почетни трошоци за вашиот бизнис (лиценци и дозволи, опрема, осигурување, истражување на пазарот, инвентар, trademarking, итн), како и оние трошоци кои се потребни да може да функционира вашиот бизнис за најмалку 12 месеци (кирија, комуналии, маркетинг и рекламирање, производство, материјали, патни трошоци, плати на вработените, своја плата, итн.) Овие бројки би претставувале почетната инвестиција која ќе ви биде потребна за отпочнување на сопствен бизнис.

Постојат неколку чекори за основање на компанија за е-трговија.

Име на компанијата

Ова е прв и доста значаен чекор. Пред било што да започнете мора да имате идеја за тоа како би се викала Вашата компанија. Откога сте го смислиле името, на веб страната на Централниот регистар на РСМ (ЦРСМ) проверувате дали тоа име е слободно или не и имате можност да извршите резервација на избраниот назив. Доколку е слободно – преминувате на следната фаза од овој чекор, а доколку не е – барате име кое се уште не е заведено во ЦРСМ. Важно е да се напомене дека името на фирмата не е и не мора да биде директно врзано со името на вашата продавница, односно вашата е-продавница дозволено е да биде и со друго име кое не е идентично со името на правниот субјект кој ќе го регистрирате.

Доколку се користи изворниот назив на Друштвото како што е во тековна состојба, мора да се истакне на вашата е-продавница и во седиштето. Доколку се користи друг назив различен од името како е впишано друштвото мора да се истакне називот на Друштвото и називот на вашата е-продавница.

Пред да го резервирате саканиот назив проверите дали постојат слични називи во регистарот користејќи ја функционалноста во секцијата насловена како “Резервирајте назив на правен субјект“.

Основачки Влог

Согласно Законот за трговски друштва (ЗТД) за да основате Друштво со ограничена одговорност (ДООЕЛ – друштво основано од едно лице и ДОО – друштво основано од повеќе лица), потребно е да внесете влог од 5.000,оо ЕВРА. Тој влог може да биде паричен или непаричен влог. Паричниот влог можете да го внесете веднаш со самото основање на компанијата, а можете да го внесете и дополнително, но не покасно од една година од основање на компанијата. За Непаричен влог, овластен проценител врши проценка на предмети кои ги вложувате во компанијата (на пр. Компјутер, телефон, принтер итн), и изготвува извештај за проценка за основање на трговското друштво.

Согласно Законот за изменување и дополнување на законот за трговските друштва (објавен во Службен весник на 16.09.2021) постои можност за основање на Поедноставно друштво со ограничена одговорност кое може да се основа ако друштвото има најмногу 3 основачи како физички лица, од кои еден од основачите мора да биде управител (не може да биде управител некое трето лице). Најмалиот износ на основната главнина на поедноставеното друштво со ограничена одговорност е 1 евро во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на уплатата, освен ако основачите не се договориле тоа да биде денот на потпишување на основачкиот акт на друштвото. Најмалиот номинален износ на деловниот удел е 10 центи во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на уплатата, освен ако основачите не се договориле тоа да биде денот на потпишување на основачкиот акт на друштвото. Основната главнина и деловниот удел во друштвото мора да бидат изразени со цел број во евра. За овој вид на друштва, постои обврска друштвото да има задолжителна резерва која мора да се внесе и е 1/4 од добивката на друштвотот искажана во годишните извештаи намалена за износот на загубата од претходната година.

Изјава/Договор за основање на Компанијата и друга потребна документација

Доколку се основа ДООЕЛ во тој случај се изготвува „Изјава за основање на Друштвото”, а кога се основа ДОО во тој случај се изготвува „Договор за основање”. Изјавата односно Договорот за основање треба да ги содржат следните податоци:

  • Фирмата и седиштето на Друштвото;
  • Предметот на работењето на Друштвото;
  • Името и презимето, ЕМБГ, бр. на лична карта, односно број на пасош доколку основачот е странско физичко лице или друга исправа за утврдување на идентитетот важечка во неговата земја и негово државјанство, местото на живеење, односно фирмата, седиштето, МБС ако содружникот е правно лице;
  • Износот на основната главнина (влогот) и износот на влогот на секој содружник одделно, а ако влогот е непаричен- точен опис и назначување на неговата вредност;
  • Начинот и времето на уплата на паричните влогови што не се уплатуваат во целост;
  • Името и презимето на управителот, на членовите на надзорниот одбор, односно на контролорот, ако друштвото има орган за надзор, ЕМБГ, занимањето, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта за странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото на живеење;
  • Застапувањето на друштвото;
  • Правата и обврските што содружниците ги имаат спрема друштвото, покрај уплата на своите влогови, како и правата и обврските коишто ги има друштвото спрема основачите;
  • Начинот и мерилата на распределба на добивката и начинот на покривање на загубата;
  • Управувањето на друштвото и
  • Престанување на друштвото.

Освен Актот за основање се изработуваат и други пропратни одлуки согласно ЗТД, за што ќе Ви помогне регистрационен агент овластен од страна на ЦРРСМ или имате право да побарате техничка помош од надлежните во ЦРРСМ.

Кон пријавата за основање на Друштвото се наведува Банката во која сакате да биде сметката на Друштвото и се доставува пополнет ЗП образецот.

Документите за основање на компанија се достапни во секцијата насловена „Документи и ресурси” од овој модул.

Подружница

Доколку планирате дејноста на вашето друштво да ја водите надвор од местото каде што ви е регистрирана компанијата, потребно е да организирате подружница. Подружницата може да ја организирате веднаш со регистрацијата на друштвото, доколку веднаш би започнале да работите со неа. Но, таа може и да се регистрира во било кое време за време траењето на друштвото.

Постапка за регистрација

По изработка на целосната документација за регистрација на Друштвото (договор за основање, одлука за именување управител и други одлуки согласно ЗТД) се започнува постапката која електронски ја води регистрационен агент овластен од страна на ЦРРСМ.

Со добивање на Решение од страна на ЦРРСМ, Друштвото се смета за регистрирано од денот на приемот на пријавата во ЦРРСМ.

Пријава на вистински сопственик

По основање на компанијата потребно е да се направи пријава на вистински сопственик во Централниот Регистар. Рокот е 8 дена од денот на основање и во овој рок се плаќа електронска уплата на пресметаниот надомест согласно Тарифата на Централниот регистар, додека пак по истекот на 8-те дена следуваат казни кои се во високи износи, поради што мора да се внимава на запазување на овој рок.

Отварање на сметка во Банка

По основање на Друштвото, односно добивање на решение од ЦРРСМ за основање на друштвото, се заверува ЗП образецот на Нотар од страна на управителот кој е и потписник на сметката во кој се наведени називот на друштвото, седиштето, името и презимето, ЕМБ и своерачен потпис од управителот.

Потоа е потребно да се посети избраната банка со цел потпишување на документацијата за отворање на сметка. Основни документи кои се носат се Решение – тековна состојба, заверен ЗП образец на Нотар и ЛК од управителот кој е овластен потписник на сметката на правното лице (кој е потребно лично да е присутен во моментот на отворање на сметката со цел соодветна идентификација од страна на банката). Доколку се повеќе лица потписници, сите треба да имаат заверен ЗП образец и да се лично присутни во банката.

Банката изработува сет на документи кои се неопходни за отварање на сметката, и тоа:

  1. Барање за отворање на сметка;
  2. Договор за сметка;
  3. Потписен картон;
  4. Апликации и лични карти за сите физички лица кои ќе бидат овластени;
  5. Апликација за правното лице;
  6. АМЛ и ФАТЦА образец.

Печати

По добивање на решението, се пристапува кон правење на печати за компанијата.

За воопшто да постои е-трговија потребно е да се користи веб-базирана софтверска апликација преку која ќе биде овозможено регистрација на корисник, пребарување и нарачка на производи и поврзување со портал за плаќање. Без разлика дали ќе се одлучите да креирате целосно ново софтверско решение или пак да користите некои од веќе готовите “open source” можности како WordPress или Magento или пак, се приклучувате на некој од локалните онлајн пазари (Marketplaces), паралелно со регистрирањето на правниот субјект можете да ги разгледувате опциите и да побарате понуди за изработка и развој на вашата е-продавница, со цел да заштедите време и да можете да го лансирате вашиот бизнис што поскоро.

Откако ќе го развиете вашето софтверско решение, потребно е да доставите барање до вашата банка за имплементација на виртуелен ПОС терминал на вашата е-продавница.

Банката прави проверка и процена на потенцијалниот е-трговец со цел навремено да спречи лажни и несериозни клиенти да отворат веб продавница и доколку се е во ред, банката и е-трговецот склучуваат договор, во кои се регулираат попрецизно меѓусебните права и обврски. Целокупната процедура за проверка и склучување на договори е контролирана од меѓународните картични организации со цел висок степен на безбедност при вршење на е-трансакции.

Добиената документација за интегрирање на платежен процесор ја доставувате до ИТ лице кое ја изработува вашата е-продавница со цел успшена имплементација.

Дали знаете?

Според рангот на “Ease of doing business”, Северна Македонија е најдобро рангирана во ЦЕФТА регионот (#17).

Дознај повеќе

Бидете во тек

Добијте известување кога следниот модул ќе биде достапен

.

Legal disclaimer: This geographical map is for informational purposes only and does not constitute recognition of international boundaries or regions; GIZ makes no claims concerning the validity, accuracy or completeness of the maps nor assumes any liability resulting from the use of the information therein.

North Macedonia

Население 2057680
Население на возраст од 16-64 години 13992.22
Користење на Интернет 85.3%
Интернет купувачи 53.5%
Валута Macedonian denar
БДП по глава на жител, ЈПП 21304.5

Albania

Население 2777690
Население на возраст од 16-64 години 1861052
Користење на Интернет 83.1
Интернет купувачи 38.5%
Валута Albanian lek
БДП по глава на жител, ЈПП 19496.20

Serbia

Население 6664450
Население на возраст од 16-64 години 43318.93
Користење на Интернет 85.36%
Интернет купувачи 64.18%
Валута Serbian dinar
БДП по глава на жител, ЈПП 25061.9

Kosovo

Население 1761980
Население на возраст од 16-64 години 11981.46
Користење на Интернет 90%
Интернет купувачи 51%
Валута European euro
БДП по глава на жител, ЈПП 14971.20

Bosnia & Herzegovina

Население 3233530
Население на возраст од 16-64 години 21664.65
Користење на Интернет 83.38%
Интернет купувачи 41.31%
Валута Bosnia and Herzegovina convertible mark
БДП по глава на жител, ЈПП 20950.20

Moldova

Население 2538890
Население на возраст од 16-64 години 17264.45
Користење на Интернет 76%
Интернет купувачи 34%
Валута Moldovan leu
БДП по глава на жител, ЈПП 15719

Montenegro

Население 617210
Население на возраст од 16-64 години 4011.87
Користење на Интернет 88.36%
Интернет купувачи 32.13%
Валута European euro
БДП по глава на жител, ЈПП 28324.6

Ресурсен и информативен центар за клучните аспекти на е-трговијата за сите членки на ЦЕФТА.

ECOMMERCE FOR ALL

Дознај повеќе Види повеќе
* Оваа ознака не е во спротивност со позициите за статусот и е во согласност со Резолуцијата 1244 на UNSCR и мислењето на ICJ за прогласувањето независност на Косово.

Имплементатор за Северна Македонија