Регулатива во е-трговија

Преку овој модул ќе може да ја запознаете потребната регулатива која е клучен дел за успешно управување со бизнис во областа на е-трговија.

Што се е потребно за да се основа и регистрира еден е-трговец?

За да започне да функционира и да врши електронска трговија, е-трговецот (правно лице) најпрво треба да се регистрира како трговско друштво во Централен регистар.

Оние друштва кои се веќе регистрирани во Централниот регистар и оперираат како „офлајн“ трговци, но сакаат да го прошират начинот на продажба на стоки и услуги, немаат потреба од повторна регистрација или дополнување на регистрацијата. Законот за електронска трговија забранува одреден државен или друг орган да му бара посебна дозвола или одобрение на оној трговец кој сака да се занимава со интернет трговија.

Како и основањето на секоја друга компанија, процесот на регистрацијата на компанија која што ќе се занимава со е-трговија не е воопшто различна. За да го основате вашиот онлајн бизнис, треба да следите неколку чекори.

Чекор 1: Направете анализа на пазарот

За еден онлајн бизнис да биде успешен, тој мора да понуди нешто што му е потребно на пазарот. За да ги идентификувате овие потреби, треба да ги одговорите на некои од следните прашања:

  1. Што сакате да постигнете? Зошто започнувате бизнис? 
  2. Што се случува во индустијата и пазарот? Дали има потреба од вашите производи / услуги и ако да, кој има потреба од нив?
  3. Дали производот и/или услуга ќе биде прифатен од пазарот?
  4. Што е она што ќе ве разликува од остатокот од бизнисите на пазарот?

Чекор 2: Направете бизнис план

Бизнис планот покажува како компанијата ќе ги постигне поставените цели и ќе работи на постигнување на мисијата. Бизнис планот јасно опишува како еден бизнис може да ги продава своите производи за да создаде профит и да биде атрактивен за потенцијалните инвеститори. Во делот „Документи и ресурси” од овој модул можете да најдете пример за пополнување на вашиот Бизнис план.

Чекор 3: Основање на компанија за е-трговија

3.1 Име на компанијата

Одберете име на вашиот правен субјект и проверете дали истото е достапно или веќе постои. Името на правниот субјект, не мора да е идентично со вашето име на брендот кој сакате да го креирате, па така името на правниот субјект може целосно да се разликува со името на вашата е-продавница. 

Централниот регистар го задржува правото да одбие упис на правен субјект во регистарот доколку неговиот назив е сличен со веќе упишан или резервиран назив, како и во сите други случаи предвидени со закон. 

Поради тоа, пред да го резервирате саканиот назив проверите дали постојат слични називи во регистарот користејќи ја функционалноста во секцијата насловена како “Резервирајте назив на правен субјект“

3.2 Правни форми за отворање на компанија

Разгледајте ги сите правни форми кои ви се на располагање и одлучете кој од нив е најсоодветен за вас. Правни облици кои стојат на располаѓање при отворањето на вашата компанија се: ТП (Трговец поединец), ДООЕЛ (Друштво со ограничена одговорност на едно лице и ДОО (Друштво со ограничена одговорност). Воедно тука треба да се избере и примарна приходна шифра на дејност.

 

3.3 Основачки Влог

Уписот за основањето на фирма во Централниот регистар се врши исклучиво по електронски пат (Систем за е-регистрација) преку регистрациони агенти (сметководител, адвокат со овлстување за поднесување пријава за упис преку воспоставениот Систем за е-регистрација) 

За да основате Друштво со ограничена одговорност (ДООЕЛ – друштво основано од едно лице, и ДОО – друштво основано од повеќе лица), потребно е да внесете основачки влог од 5000 евра во денарска противвредност.

Влогот може да биде паричен или непаричен влог. Паричниот влог можете да го внесете веднаш со самото основање на компанијата, на привремена банкарска сметка или дополнително, но не покасно од една година од основање на компанијата. Доколку се одлучите за непаричен основачки влог, овластен проценител треба да изврши проценка на предметите кои ги вложувате во компанијата (на пр. компјутер, телефон, принтер итн), и да изготви извештај за проценка за основање на трговското друштво. 

При основање на компанијата во Централниот регистар, основачот/ите треба да се изјаснат за начинот на обезбедување на основачкиот влог, односно дали истиот ќе биде паричен или непаричен.

 

3.4 Изјава/ договор за основање на вашиот е-бизнис

Доколку се одлучите да основате ДООЕЛ во тој случај се изготвува „Изјава за основање на друштвото”, а во случај на основање на ДОО се изготвува „Договор за основање на друштвото”. И двата документа се достапни во делот документи и ресурси од МОДУЛ 1 – Ecommerce4all.mk или на страницата од Централниот регистар .

 

3.5 Подружница

Доколку дејноста на вашиот бизнис ја водите надвор од местото каде што ви е регистрирана компанијата, потребно е да организирате подружница. Подружницата може да ја организирате или веднаш со регистрацијата на друштвото или во било кое време за време траењето на друштвото. 

При организирање на подружуницата, потребно е да пополните „Одлука за организирање на подружница”, во која треба да се наведат: Назив, Седиште, Приоритетна дејност и Овластено лице. „Одлуката за организирање на подружница” е достапна во делот документи и ресурси од МОДУЛ 1 – Ecommerce4all.mk или на страницата од Централниот регистар.

 

3.6 Останати потребни документи за основање на компанијата

  1. Одлука за избор на управител
  2. Изјава по член 183 точка 7 дека управител на друштвото го прифаќа изборот (заверена на нотар)
  3. Изјава по член 29 дека не постојат ограничувања за основање на трговско друштво
  4. Изјава по член 32 дека дека друштвото сте го основале во согласност со законот и податоците содржани во прилозите коишто ги поднесувате кон пријавата за упис на основањето во трговскиот регистар се вистинити и се во согласност со законот.
  5. Дозвола, лиценца или друг акт на државен или на друг надлежен орган (во случај посебни дозволи, лиценци или други акти да се определени како обврска со закон за упис на друштвото во трговскиот регистар)

Постапката за регистрација најчесто се прави преку Системот за е-регистрација на Централен Регистар од страна на регистрационен агент (сметководител или адвокат) и потребните документи најчесто се изработени од регистрациониот агент.

 

3.7 Отвoрање на трансакциска сметка во банка

Во пријавата за основање на компанија, се наведува и банката во која ќе биде трансакциската сметка на вашата компанија. 

По добивањето на решение за основање од Централниот регистар, потребно е да се посети избраната банка со цел да се потпише документацијата за отворање на трансакциска сметка.

 

3.8  Пријави за упис во регистрите при Централниот регистар на Република Северна Македонија 

  • Пријава за упис на основање на субјект во Трговскиот регистар и регистар на други правни лица – ПО образецот , кој се пополнува електронски од овластен регистрационен агент.
  • Образец за заверен потпис  – ЗП образецот , кој се заверува на нотар од страна на управителот.

3.9 Нарачка на печати

Нарачката се врши кај претставникот на изработувачот со поднесување на образец – Барање за нарачка на печати. Подигнувањето на печатот се врши исклучиво на шалтерот на Централниот регистар – канцеларија Скопје заедно со решението за извршен упис.

Чекор 4: Компанијата е основана

По два до три работни дена Централниот Регистар издава решение дека компанијата е основана.

Чекор 5: Избор и изработка на софтверско решение

За воопшто да постои е-трговија потребно е да се користи веб-базирана софтверска апликација преку која ќе биде овозможено електронско плаќање. 

Без разлика дали ќе се одлучите да креирате целосно ново софтверско решение или пак да користите некои од веќе готовите “open source” решенија како WordPress или Magento или пак, се приклучувате на некој од локалните онлајн пазари (Marketplaces), паралелно со регистрирањето на правниот субјект можете да ги разгледувате опциите и да побарате понуди за изработка и развој на вашата е-продавница, со цел да заштедите време и да можете да го лансирате вашиот бизнис што поскоро.

Чекор 6: Интегрирање на платежен процесор

При отворањето на сметката во банка или откако ќе го развиете вашето софтверско решение, потребно е да доставите барање до вашата банка за имплементација на виртуелен ПОС терминал на вашата е-продавница.

Банката прави проверка и процена на потенцијалниот е-трговец со цел навремено да спречи лажни и несериозни клиенти да отворат веб продавница и доколку се е во ред, банката и е-трговецот склучуваат договор, во кои се регулираат попрецизно меѓусебните права и обврски. Целокупната процедура за проверка и склучување на договори е контролирана од меѓународните картични организации со цел висок степен на безбедност при вршење на е-трансакции.

Добиената документација за интегрирање на платежен процесор ја доставувате до ИТ лице кое ја изработува вашата е-продавница со цел успшена имплементација.

Повеќе информации за понуда и можности околу интегрирање на платежен процесор ќе може да видите во МОДУЛ 2 – Ecommerce4all.mk


Доколку сакате повеќе информации, преземете го целосниот прирачник за е-трговија.

Преземи
Оваа веб-страница е подготвена со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржините на веб-страницата им припаѓаат на авторите и не ги изразуваат ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.